По позитивните написи во италијанските медиуми и мислењата на експертите за руската вакцина „спутник В“, советникот во регионалната влада на Ломбардија, италијанска провинција која е индустриски најразвиениот дел на Италија, Летиција Морати побара од Министерството да ја дозволи употребата на руската вакцина во Италија.

Агенцијата Аги пренесува дека вирологот на познатата миланска болница „Сако“, Џулијано Ризардини по тој повод изјавил дека руската вакцина е добра и дека нејзината ефикасност во одбраната од заразата е 92 проценти.

Позитивни написи за вакцината „спутник В“ се појавија во италијанските медиуми откако англиското научно списание „Лансет“ објави позитивен осврт на рускиот лек.

Засега, во Италија се користат само две вакцини на американскиот производител „Фајзер“ и англиско-шведската компанија „Астра зенека“.

И во двата случаи, Италија, како дел од заедничката програма на Европската Унија, однапред потпиша договор за набавка на вакцини и го финансираше истражувањето и дистрибуцијата. Сепак, од крајот на декември, кога започна официјалната дистрибуција на лекот двата производители ги прекршија своите договорни обврски и драстично ја намалија испораката на договореното количество вакцини против Ковид-19. Тоа предизвика одложување од 1,5 до два месеци во владината програма за масовно вакцинирање во Италија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.