Римокатоличката и Евангелистичката црква во Германија губат сè поголемо влијание. Така, првпат во историјата христијаните станале малцинство во Германија, пренесуваат медиумите.

Кога ќе се соберат членовите на католичката и евангелистичката верска заедница, кои се двете најголеми христијански цркви во таа земја, се гледа дека нивниот број паднал под 50 отсто.

Ова е историски пресврт. По многу векови, за првпат во Германија веќе не е „нормално“ да се биде член на црковна заедница – објаснува социологот Карстен Фрерк.

Тој посочува дека веќе подолго време е забележлив трендот на намалување на бројот на припадниците на христијанските верски заедници. Во текот на изминатите шест години, овој тренд се забрзал.

Минатата година, христијаните, односно припадниците на Католичката и Евангелистичката црква сочинувале 51 отсто од населението, а за споредба, во 1990 година уделот на припадниците на тие верски заедници бил 72 отсто.

Германците од католичка вероисповед, пред сè, сè повеќе и вртат грб на својата црква, а поради бројните скандали се повлекуваат од таа верска заедница.

Се поголем е и бројот на Германци кои не сакаат да се изјаснат за својата вера, а во исто време бројот на муслимани постојано се зголемува, како преку работната имиграција, така и поради големиот мигрантски бран во последните години.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.