Ирански пратеник денеска ги осуди демонстрантките кои ги тргнаа своите задолжителни шамии и ги нарече „проститутки“, заострувајќи го ставот на владата за време на драматичните демонстрации по смртта на 22-годишната жена која беше приведена од државната полиција за морал.

Оваа осуда на Махмуд Набавијан, пратеник од Техеран, беше во остра спротивност со апелот на високиот свештеник, ајатолахот Хосеин Нури Хамадани, кој во неделата ја повика владата да ги послуша барањата на народот.

Судбината на Махса Амини, иранска Курдка која почина откако беше приведена од полицијата затоа што наводно ѝ била премногу пуштена шамијата, предизвика немири низ Иран.

Протестите се проширија во најмалку 46 градови, вклучувајќи го главниот град Техеран, а во нив избија улични судири со безбедносните сили.

Протести на солидарност се одржаа и во Европа, САД и во делови од Блискиот Исток. Во град во Сирија со претежно курдски жители, илјадници жени вчера излегоа на улиците.

Низ Иран, обичните жени и јавни личности ги симнаа шамиите во знак на протест или ја шишаа косата на јавно место за да се солидаризираат со демонстрантите.

Иранската државна телевизија информира дека најмалку 41 лице биле убиени од почетокот на демонстрациите на 17 септември. Според официјалните изјави на властите, уапсени се повеќе од 1.500 демонстранти.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска изјави дека иранската влада и го одзела животот на Махса „поради одлуката што таа сама би требало да ја донесе за тоа што ќе носи или нема да носи“

– Жените во Иран имаат право да носат што сакаат. Тие имаат право да бидат заштитени од насилство, рече тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.