Иранската војска почна воени вежби во крајбрежната зона на Оманскиот залив, на помалку од еден месец пред продолжението на разговорите за нуклеарната програма со Западот.

Како што објави државната телевизија, во воените вежби учествуваат единици на морнарицата, воздушните и копнените сили, а се споведуваат на површина од повеќе од еден милион квадратни километри источно од стратегискиот Ормушки теснец.

Низ Оманскиот залив и Индискиот океан минува речиси 20 проценти од нафтениот транспорт во светот.

Со унилатералната одлука на тогашниот американски претседател, Доналд Трамп, САД во 2018 година се повлекоа од договорот за нуклаерната програма од 2015 година, што беше постигнат меѓу Исламската република и големите сили, по што повторно воведоа санкции кон Иран, земја која поради тоа, постепено престана да ги почитува ограничувањата воведени според договорот.

Државната телевизија објави дека бригади, вклучувајќи командоси и пешадија, се распоредени за годишните вежби. Во вежбите ќе бидат користени борбени авиони, хеликоптери, воени транспортни авиони, подморници и беспилотни летала.

Воената вежба „Зулфагар 1400“ има за цел да ја подобри подготвеноста на земјата за справување со странските закани и можната инвазија, објави државната телевизија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.