Иранските власти осудија две лица под обвиненија за шпионажа, објави во вторникот портпаролот на иранското судство, Голамхосин Есмаили, пренесува Алџезаира.

Едно лице беше прогласено за виновно за наводно работење за германски и израелски разузнавачки агенции, додека другото е осудено за „шпионажа“ за Велика Британија.

Секој од обвинетите доби казна од 10 години затвор, рече Есмаили.

Беше откриено дека еден од мажите, Масуд Мосахеб им давал информации за „ракетни, нуклеарни системи, нанотехнологија и медицински полиња во Иран“, рече тој.

Втор човек, Шахрам Ширкани, шпионирал за британските разузнавачки служби и се обидувал да регрутира ирански функционери за британската агенција МИ6.

Есмаили исто така рече дека неодамна биле уапсени уште пет лица за наводна шпионажа во министрството за надворешни работи, одбрана и индустрија, компании што работат во енергетската индустрија и атомската агенција во Иран.

Иран повремено апси и ги осудува оние што се обвинети за шпионирање во име на странски земји, вклучително и САД и Израел. Во јули Иран го егзекутираше Реза Асгари, поранешен вработен во Министерството за одбрана, осуден за шпионирање во име на Централната разузнавачка агенција (ЦИА).

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.