Иран соопшти дека работи на постигнување примирје во кавкаскиот регион Нагорно-Карабах и дека е во постојан контакт со двете завојувани страни Ерменија и Азебејџан, како и со Руската Федерација.

Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Сајет Катибзадех, изјави дека прашањето за Нагорно-Карабах е разгледано во телефонски разговор меѓу двајцата министри за надворешни работи на Иран и на Русија, Мухамед Џавед Зариф и Сергеј Лавров.

Исламската Република Иран е во тесен контакт со завојуваните страни и внимателно го следи развојот на настаните на нејзините граници – соопшти Катибзадех.

Според извештаите на проерменските медиуми, главниот град самопрогласената држава Нагорно-Карабах, Степанакерт, денеска бил цел на нов напад.

Азербејџанската армија отвори оган околу 6.30 часот. Кон градот беа извршени четири големи артилериски напади –соопшти Министерството за надворешни работи на Нагорно Карабах (НКР).

Според податоците на НКР, од почетокот на конфликтот на 27 септември, до вчера се убиени 18 цивили во градовите Степанакерт, Хадрут, Мартуни и Мартакерт, а ранети се 80 други лица.

Оттаму наведуваат дека азербејџанската страна се подготвува за нова офанзива.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.