Иранскиот министер за надворешни работи, Џавад Зариф, ги осуди санкциите на САД против Турција во врска со купувањето на одбранбени ракети С-400 од Русија.

Зависноста на САД од санкции и непочитувањето на меѓународното право, повторно во полн сјај – напиша Зариф на Твитер.

Министерот додаде дека Иран ќе застане заедно со турскиот народ и владата во однос на американските притисоци.

Во понеделникот, Министерството за финансии на САД воведе санкции за четворица турски официјални лица, и за одборот на „Дифенс индустрис“ – турска агенција за набавки за одбраната. Мерките дојдоа како одговор на купувањето на рускиот ракетен одбранбен систем С-400 од страна на Анкара во јули минатата година.

Според САД, со набавката на руските ракети Турција го прекршила американскиот Закон за справување со американските противници преку санкции (ЦААТСА), кој беше донесен во 2017 година и е насочен кон Русија, Северна Кореја и Иран. Со него се забранува која било земја да изврши значајно купување разузнавачка или одбранбена опрема од Москва, за што предвидува казна.

Откако беа објавени санкциите за Анкара, американскиот државен секретар Мајк Помпео во понеделникот изјави дека мерката испраќа јасен сигнал дека САД целосно ќе го спроведат Дел 231 на ЦААТСА и нема да толерираат значителни трансакции со руските сектори за одбрана и разузнавање. Помпео додаде дека Турција, сепак, останува ценет сојузник и важен регионален безбедносен партнер на САД.

Според американскиот државен секретар, купувањето во вредност од 2,5 милијарди долари, би ја загрозило безбедноста на американската воена технологија и персонал и ќе обезбеди значителни средства за рускиот одбранбен сектор, како и пристап на Русија до турските вооружени сили и до одбранбената индустрија.

Турција ги осуди санкциите, а Министерството за надворешни работи на земјата вети дека ќе ги преземе неопходните чекори против оваа одлука, за која рече дека неизбежно ќе има негативно влијание врз односите меѓу двете држави.

Иран и самиот беше цел на американските санкции, вклучително и ембарго за оружје и економска блокада, што беа воведени како одговор на политичките врски и нуклеарната програма на Техеран.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.