Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, истакна дека администрацијата на Џо Бајден смета дека треба да се спроведе независна истрага за наводите за сексуално вознемирување против гувернерот на Њујорк, Ендрју Куомо.

Ваквата изјава на Псаки доаѓа откако две поранешни соработнички на Куомо, Шарлот Бенет и Линзи Бојлан, обвинија дека биле сексуално малтретирани од гувернерот. Самиот Куомо категорично го негира тоа.

Потребна е независна истрага за овие наводи. Претседател Џо Бајден ја поддржува ваквата истрага, која треба да се спроведе што е можно побрзо – изјави Псаки.

Шарлот Бенет вчера го обвини Куомо за сексуално вознемирување. Според Бенет, Куомо упорно ја прашувал за нејзиниот личен живот, како и што мисли за врски со постари мажи. Тој, наводно, рекол дека смета дека е прифатливо да има односи со жени на нејзина возраст.

Во декември, друга поранешна подредена во Куомо, Линзи Бојлан, изнесе слични обвинувања. Според нејзината верзија, однесувањето на нејзиниот шеф ја принудило да замине. Бојлан служеше со гувернерот од 2015 до 2018 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.