Индија тестира три вакцини против корона вирусот и веќе има план да ги дистрибуира до граѓаните.

Три вакцини се во различни фази на тестирање. Кога научниците ќе ни дадат дозвола, ние веќе ќе имаме план за производство. Имаме патоказ за тоа како вакцината ќе стигне до секој Индиец во најкус можен рок – нагласи премиерот Нарендра Моди во говор во чест на националниот празник – Денот на независноста.

Моди додаде дека во рамките на националната програма за дигитална здравствена заштита, секој граѓанин на земјава ќе добие здравствена легитимација, со која ќе бидат обележани посетите на лекарите или аптеките, како и на лековите што им се пропишани.

Премиерот Моди, им се заблагодари на оние кои се борат со пандемијата во име на земјата. Бројот на заразени во Индија надминува 2,5 милиони.

Претходно, индиските компании „Зидус Кадила“ и „Бахрат Биотех“ објавија дека ја почнале првата фаза од развивање на нивните вакцини против Ковид-19. Индискиот институт за вакцини, пак, соопшти дека ја почнува последната фаза на испитувања на вакцината „Ковишилд“, што ја развиваат заедно универзитетот Оксфорд и „Астра Зенека“.

На 15 август, Индија го слави Денот на независноста. На полноќ на тој датум во 1947 година, првиот премиер Џавахарлал Нехру го крена националното знаме во Њу Делхи за да го означи повлекувањето на британските окупаторски сили.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.