Одредени европски земји го минаа врвот на епидемијата на новиот коронавирус, па сега разгледуваат стратегии за релаксирање на воведените ограничувања.

Италијанскиот специјален комесар за итни случаи со Ковид-19, Доменико Аркури, рече дека излегувањето од карантин ќе вклучува зголемено тестирање на коронавирусот, употреба на доброволна апликација за следење контакти и задолжителна анализа на крвта.

Италијански, но и германски истражувачи се склони кон идејата за воведување „имунитетен пасош“, кој ќе се темели на нивото на развиени антитела на коронавирус.

Главниот германски епидемиолог Герард Краузе за „Шпигел“ изјави дека проверката на антитела во крвта би се вршела со задолжителна анализа на крвта. И американскиот главен експерт за епидемиологија Ентони Фаучи рече дека се размислува за воведување „имунитетни сертификати“.

Тоа е една од оние работи за кои зборуваме кога сакаме да бидеме сигурни кои луѓе се ранливи, а кои не. Мислам дека тоа би можело да има некој ефект, оцени Фаучи.

Одредени експерти тврдат дека вакви документи кои потврдуваат дека некој создал имунитет на коронавирусот, би можеле да помогнат за повторно покренување на економиите, со тоа што ним би им се дозволило да се вратат на работа, да јадат во ресторани и да учествуваат во активности кои сега во поголем дел држави се забранети, пренесува хрватски „Индекс“.

Сепак, други стручњаци велат дека идејата не е лесно спроведлива.

Директорот на Институтот Џонс Хопкинс, д-р Џефри Кан, предупредува дека таа политика не е лесно спроведлива. Категоризацијата за тоа дали некој создал имунитет на вирусот или не ќе вклучува и податоци за бројот на години и местото на живеење. Кан посочува дека помладите луѓе, поотпорни на вирусот, ќе бидат најголеми фаворите за добивање таков документ. Но ако целото домаќинство не е имуно, тогаш лицето од домаќинството кое создало имунитет би можело да го донесе вирусот и да го зарази семејството.

Тоа би било супер компликувано за Институтот. Се уште немаме јасен одговор на прашањето како тој систем би функционирал, поради наведените компликации, вели Кан.

Исто така, потенцира тој, постои страв од стигматизација на имуни и неимуни луѓе на вирусот.

Секој пат кога јавно брендирате луѓе, било тоа да се тие од една или друга група, може да има стигмазирачки ефект, додава Кан.

Професотот на Универзитетот во Пенсилванија, Харолд Шмит, ги споредува таквите документи со крстовите на куќите со кои се означувани домовите на заразените со куга во 14. век.

Сертификатот за имунитет би бил „орден на честа“, а оние без него би биле маргинализирани. Тој е загрижен и за политичките последици за недокументираните мигранти.

Експертите, исто така, предупредуваат дека имунитетните сертификати се далеку од имплементација во општеството бидејќи тестовите за антитела знаат да бидат неточни и се уште не се достапни за широка употреба. Тие велат дека таквиот систем би имал ефект само во случај експертите да имаат голема доверба во таквите тестови.

Елица Тил, директорка на лаораторијата за инфективни болести во клиниката Мајо вели дека над 50 комерцијални произведувачи во овој момент бараат одобрување од Агенцијата за храна и лекови во САД (ФДА) за тестови кои откриваат процент на антитела кај луѓето, а некои од тие тестови се одбиени бидејќи не се секогаш точни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.