Американскиот милијардер Елон Маск јавно му понуди на рускиот претседател, Владимир Путин, да му се придружи во разговор на социјалната мрежа „Клабхаус“. Потегот на еден од најбогатите луѓе во светот предизвика голем интерес за темите, за кои би можеле да зборуваат.

Извршниот директор на „Тесла“ директно ја „тагираше“ официјалната страница на рускиот претседател на Твитер, прашувајќи: „Дали сакате да ми се придружите во разговор во „Клабхаус?“

Маск, исто така, му напиша на Путин на руски јазик дека ќе му биде голема чест да разговара со него.

Тој не прецизираше на кој јазик ќе се зборува. Путин, ссвен неговиот мајчин руски јазик, течно зборува германски и разумно зборува англиски.

Кремљ сè уште не одговорил на повикот, но, како што наведува „Раша Тудеј“, добро е познато дека Путин не користи Интернет, затоа што смета дека тоа е „проект на ЦИА“.

„Клабхаус“ е аудио социјална платформа, на која не може да се разменуваат пишани пораки туку може да се разговара само вербално.

Апликацијата дозволува приватни разговори, но „Клабхаус“ досега беше домаќин и организираше масовни настани, за време на кои луѓето можеа да се вклучат и да ја слушаат дискусијата меѓу говорниците.

Понудата на Маск предизвика вистинска сензација на социјалните мрежи, а луѓето најмногу изразија поддршка и голем интерес за ваква средба.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.