Илјадници демонстранти излегоа на улиците во Картум и другите градови низ Судан за да протестираат против октомврискиот воен удар. Демонстрантите, главно момчиња и девојчиња, маршираа низ улиците повикувајќи на формирање цивилна влада што ќе доведе до транзиција на земјата кон демократија.

Учесниците на протестите удираа во тапани и извикуваа слогани против државниот удар низ улиците на Картум и неговиот збратимен град Омдурман. Тие носеа судански знамиња и други транспаренти со фотографии на демонстранти убиени од безбедносните сили.

Властите ја зајакнале безбедноста во Картум и Омдурман пред одржувањето на протестите. Биле распоредени илјадници војници и полиција, кои го затвориле центарот на Картум, повикувајќи ги демонстрантите да се собираат само на јавните плоштади.

Група демонстранти соопштија дека планираат да се упатат кон претседателската палата.

Според податоците на Суданскиот комитет на лекари, од почетокот на протестите загинале најмалку 78 луѓе, а стотици се повредени, во судирите меѓу демонстрантите и безбедносните сили.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.