Финската царинска служба соопшти дека го стопирала враќањето на уметнички дела во Русија вредни околу 42 милиони евра поради санкциите на ЕУ и најави дека ќе се консултира со Брисел како да постапи понатаму.

Минатиот викенд, царинските служби заплениле три транспорти на слики, скулптури и антиквитети кои биле позајмени во музеите во Италија и Јапонија, а враќањето било извршено преку Финска.

Сакс Ракшит од финската царина вели дека уметничките дела се сметаат за луксузна стока и подлежат на санкции што ЕУ ги воведе против Русија поради воената акција во Украина.

Тие се во сопственост на Државниот музеј за ликовни уметности Пушкин

Запленетите уметнички дела сè уште се руска сопственост и ќе се чуваат под надзор на финската агенција за наследство, соопштија царинските службеници.

Руската новинска агенција „Москва“ го цитираше руското Министерство за култура, кое објави дека уметничките дела се позајмени во Италија од колекциите на водечки руски музеи како Ермитаж и Царское село во Санкт Петербург, како и од Московската галерија Третјаков.

Уметничките дела кои беа на враќање од Јапонија се сопственост на Државниот музеј за ликовни уметности Пушкин.

Финската царина сомничи десетина лица за кршење на санкциите. Минатиот месец, два музеи во Милано изјавија дека се подготвени да вратат неколку позајмени уметнички дела на руските музеи кои побарале предвремено враќање.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.