Минималната плата на работниците во Германија би требало да се зголеми за речиси 12 проценти и од сегашните 9,35 евра да се качи на 10,45 евра за час до средината на 2022 година.

Зголемувањето на минималецот ќе биде спроведено во неколку фази, при што првиот скок ќе биде кон почетокот на следната година, на 9,50 евра по час, потоа кон средината на годината на 9,60, па ќе следи раст од 9,82 евра на почетокот од 2022 година и конечно на 10,45 евра кон средината на 2022 година.

Преговорите за зголемување на минималната заработка беа делумно напнати, бидејќи членовите на надлежната државна комисија се спротиставија на износот на зголемување – изјави шефот на оваа комисија, Јан Зилијус.

Сепак, по продолжувањето на разговорите и откажувањето на прес конференцијата за медиуми во последен момент, претставниците на работодавачите и синдикатите постигнаа едногласен договор по ова прашање кој во вид на препорака ќе биде проследен до владата на усвојување, се наведува во информацијата.

Германскиот министер за труд Хубертус Хајл изјави дека владата ќе ја спроведе оваа препорака.

Германија воведе минимална плата на почетокот на 2015 година, и таа тогаш изнесуваше 8,50 евра по час.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.