Кипар одлучи привремено да паузира од употребата на вакцината на британско-шведскиот производител „Астра Зенека“. Властите одлучија да ги почекаат официјалните заклучоци на Европската агенција за лекови (ЕМА) по состанокот што ќе го одржат в четврток.

Кипарското Министерство за здравство, како што јавува МИА, ја активираше суспензијата до 18 март, додека пак процесот на имунизација со другите вакцини продолжува понатаму.

Вакцинацијата со вакцините од производителите ‘Фајзер’ и ‘Модерна’ продолжува понатаму, велат кипарските власти.

Објаснуваат дека денеска било одлучено привремено да се прекине вакцинацијата со конкретната вакцина, во исчекување на мислењето на Европската агенција за лекови (ЕМА) која разгледува низа случаи на тромбоза кај лица кои ја примиле вакцината на „АстраЗенека“.

Неколку земји членки на Европската унија одлучија да го направат истото. Франција, Италија, Германија ја ставија во мирување вакцинацијата со „Астра Зенека“.

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека вакцинацијата ќе престане се додека ЕМА не спроведе нова проценка за тоа дали постои некаква врска меѓу вакцината и пријавените инциденти на згрутчување на крвта.

Италијанскиот регулатор на лекови „Аифа“, исто така, прекинот на вакцинацијата со оваа вакцина низ целата земја го нарече „потег на претпазливост“.

„Астра Зенека“ вчера соопшти дека нема докази дека нивната вакцина против ковид-19 го зголемува ризикот од згрутчување на крвта.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.