Украинскиот регион Херсон, кој е под окупација на руските сили, планира да побара од рускиот претседател Владимир Путин да го припои кон Русија, објави руската новинска агенција ТАСС, цитирајќи тамошен официјален претставник на проруската администрација.

Заменик-претседателот на регионалната воена и цивилна администрација на Херсон, Кирил Стремусов, рече дека „градот Херсон е Русија“ и дека „нема да се создаде Народна Република Херсон на територијата на Херсонската област, нема да има референдум“.

Тоа ќе биде единствен декрет врз основа на барањето на раководството на Херсонската област до претседателот на Русија и ќе биде поднесено барање оваа област да се вклучи во полноправниот регион на Руската Федерација – рече Стремусов на прес-конференција.

Русија во април објави дека воспоставила целосна контрола врз регионот Херсон, кој е стратешки важен бидејќи е дел од копнената врска меѓу полуостровот Крим и сепаратистичките области во источна Украина поддржани од Русија.

Запрашан за можноста украинскиот регион да се приклучи кон Русија, тогаш Кремљ соопшти дека жителите мора сами да одлучуваат за својата судбина, додавајќи дека на таквите одлуки им треба јасна правна основа „како во случајот со Крим“.

Украинскиот полуостров Крим беше анектиран од Русија во 2014 година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.