Владините функционери и федералните политичари во Австрија ќе мора да ја избришат апликацијата за споделување видеа ТикТок од нивните телефони кои им ги доделила Владата, бидејќи Виена има за цел да и забрани на кинеската оперативна фирма пристап до чувствителни податоци, соопшти денеска австриската влада.

За функционерите и политичарите на државно и општинско ниво, е издадена препорака да престанат да ја користат апликацијата за службени цели, изјави министерот за внатрешни работи Герхард Карнер.

Како што пренесе ДПА, тој рече дека политичарите и службениците можат да продолжат да ја користат апликацијата приватно.

Со овој потег, Австрија се приклучува на Австралија, Канада, Велика Британија и Европската Комисија, кои претходно издадоа слични регулативи за јавниот сектор.

Со ТикТок управува кинеската технолошка компанија Bytedance, која не е во сопственост на државата. Сепак, критичарите истакнуваат дека Комунистичката партија и властите во Кина теоретски се способни да извршат влијание врз интернет компаниите и да пристапат до нивните податоци.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.