Владата на Холандија вечерва ќе објави нов сет мерки против ширењето на коронавирусот, вклучително и можно затворање на кафулињата и рестораните.

Бројот на случаи во земјата со 17 милиони жители порасна во последните неколку недели и сега е повеќе од 187.000 заразени. Вчера, бројот на новоинфицирани за 24 часа беше скоро 7.000.

Во моментов, Холандија има 364 заразени на 100.000 жители во последните 14 дена, што е трета највисока стапка во Европа.

Владата на премиерот Марк Руте не сака да воведе строги мерки кои може да му наштетат на кревкото економско закрепнување, но здравствените експерти започнаа да вршат притисок врз владата да преземе мерки за да се спречи нарушување на здравствениот систем.

Руте и министерот за здравство Хуго де Јонге, кои предупредија дека ќе воведат ограничувачки мерки доколку состојбата не се подобри, треба да одржат телевизиска прес-конференција во вечерните часови.

И додека многу европски земји воведоа задолжителни мерки, Холандија во голема мера ги следеше препораките, вклучително и оние во врска со носење маски и патувања.

Меѓу најсериозните мерки што треба да бидат објавени се затворањето на кафулиња и ресторани и вечерната забрана за продажба на алкохолни пијалоци, објави националната телевизија, цитирајќи ја владата.

Тимските спортови за лица над 18 години ќе бидат суспендирани, употребата на јавен превоз ќе биде ограничена само на важни патувања , а домашнте собири ќе се ограничат до три лица по домаќинство. Мерките најпрво ќе бидат изречени за период од две недели.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.