Премиерот на Холанија, Марк Руте, го прекина годишниот одмор поради наглото зголемување на бројот на новозаразени со корона вирусот во земјата. Истовремено, Руте апелира до туристите да ги избегнуваат најпрометните делови на Амстердам.

Одлуката на Руте доаѓа откако Националниот институт за здравство соопшти дека во последните 24 часа се регистрирани 604 нови случаи на Ковид-19, што е за 175 повеќе од претходниот ден.

Вирусот опасно напредуваше и ризикуваме да уништиме сè што постигнавме во претходните месеци. Не сакаме нова вонредна состојба, но тоа нема да го постигнеме туку така – предупреди холандскиот премиер.

Во меѓувреме, градоначалничката на Амстердам, Фемке Халсема, нареди да се носат заштитни маски во амстердамскиот кварт „Црвени фенери“, познат по проституцијата и популарен меѓу странските туристи. Таа мерка е спротивна на препораката на холандската Влада дека маските не се задолжителни, освен во возила за јавен превоз.

Ставот на Владата е дека не е докажано дека маските се ефикасна заштита од корона вирусот и оти нивното носење влијае врз луѓето да не ја почитуваат поважната мерка, а тоа е физичкото растојание.

Сепак, Амстердам и Ротердам одлучија дека мора да се носат маски, што е во согласност со јунската препорака на Светската здравствена организација дека маските се задолжителни во продавниците и прометните јавни места каде што е невозможно да се држи пропишаното физичко растојание.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.