Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш изјави во четвртокот дека е многу загрижен поради ситуацијата со најголемата европска нуклеарна централа Запорожје во јужна Украина која е под контрола на руската војска, којашто е цел на гранатирања за коишто Москва го обвинува Киев.

Русија, којашто ја зазема нуклеарката на почетокот на својата офанзива во Украина на почетокот од март но во која остави да работи украински персонал, претходно во четвртокот предупреди дека може да ја конзервира и исклучи од системот поради опасноста да биде погодена во украинските гранатирања. Киев, пак, неодредено и без да прецизира, предупреди дека тоа би можело да го зголеми ризикот од нуклеарна катастрофа.

Гутереш, зборувајќи со новинарите по разговорите со украинскиот претседател Владимир Зеленски во јужниот украински град Л’вов, на кои присуствуваше и турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, рече дека од областа на нуклеарната централа би требало да биде повлечена воената опрема и војници.

Истовремено, речиси цел месец Украина најавува контраофанзива на југот на земјата која ги вклучува Запорошката и Херсонската област.

„Нуклеарната централа не смее да биде користена во рамките на никакви воени операции. Наместо тоа итно е потребен договор повторно да биде воспоставена исклучиво цивилна инфраструктура на Запорожје и да се гарантира безбедноста на таа област“, рече Гутереш.

Москва, сосема очекувани, ги отфрла повиците на САД и Г7 да се повлече од областа на Запорожје, која освен поради нуклеарката има и стратешка важност во областа и да биде прогласена за „демилитаризирана зона“. Руската страна порача дека нема доверба ниту во режимот во Киев, ниту во ткн колективен Запад, затоа што демилитаризација на Украина бараше и пред почетокот на својата, како што ја нарекува, „изнудената и превентивна специјална воена операција за демилитаризација и денацизација“ на соседната земја.

Зеленски по средбата со Гутереш рече дека ги договориле параметрите за можната посета на стручњаците на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) на нуклеарката,. Претходно ја обвини Русија за „нуклеарна уцена“. „Намерниот терор на агресорот може да има глобални катастрофални последици“, тврдеше на Telegram.

Русија претходните две седмици изјави дека настојува да овозможи стручњаците на IAEA да дојдат во нуклеарната централа во Запорожје, меѓутоа Западот прави сѐ за да не се случи тоа, и иако IAEA како структура веќе долго време е подготвена да го направи тоа, целата Западна заедница заедно со режимот во Киев, прават сѐ за да го спречат тоа.

Украинските функционери обвинуваат дека Русија наводно сака нуклеарката да ја приклучи на својата мрежа. Украинскиот оператор за нуклеарна енергија „Енергоатом“ вели дека исклучувањето на централата би го зголемил ризикот од радијациска катастрофа. Според нив, исклучувањето на сложените генератори од украинската мрежа би оневозможило да бидат користени за ладење на нуклеарното гориво во случај на прекин на струјата во нуклеарката,

Исклучување на нуклеарна централа е комплициран процес во кој треба да се запре нуклеарна верижна реакција и да се спречи нуклеарното гориво да се загрее и предизвика тлеење на јадрото на реакторот.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави дека разговарале како да биде запрена војната. Посочи дека било разговарано за тоа да се искористи „позитивната атмосфера“ која ја создал договорот за извозот на украинските житарки од црноморските пристаништа за да се постигне траен мир.

Ердоган прецизираше дека разговарале и за размена на воените заробеници, како и дека за тоа подоцна ќе го информира рускиот претседател Владимир Путин.

Роднините на неколкуте илјади украински борци кои беа заробени или се предадоа во Мариупол и тамошната челичарница „Азовстал“ организираа протест во текот на посетата на Гутереш барајќи да биде сторено повеќе да бидат заштитени.

Над 90 заробеници од „Азовстал“ загинаа во ракетирање на истражниот затвор во Еленовка во јуни. Киев тврди дека Русите извршиле масакр, но Москва возврати дека ракетите дошле од позициите кои ги држи украинската војска и има цел да ги заплаши украинските војници да не соработуваат со руските власти во истражувањата воени злосторства и да ги заплашат другите да не се предаваат.

Русија, исто така, покани група меѓународни новинари на кои им овозможи разговор со преживеани заробеници од Еленовка и презентираше делови од проектилите кои се користат од ракетните системи HIMARS кои на Украина ѝ го испорачуваат САД. Покрај тоа Москва покани местото да го посетат и експерти на ОН и на Меѓународниот комитет на Црвениот крст.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.