Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ја повика администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден да ги укине или да се откаже од сите санкции кон Иран, како и да се врати на договорот од 2015 година, насочен кон спречување на Техеран за развој на нуклеарно оружје.

Во извештајот до Советот за безбедност на ОН, Гутереш го повика Иран да се придржува до одредбите од договорот и го нарече нивното кршење загрижувачки чекор од Техеран.

Советот за Безбедност денеска расправа за извештајот на генералниот секретар за спроведувањето на резолуцијата од 2015 година, која исто така го вклучува и нуклеарниот договор меѓу Иран, САД, Франција, Велика Британија, Германија, Русија и Кина.

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го напушти договорот во 2018 година и повторно воведе остри санкции кон Иран, што доведе Техеран да почне да крши некои од нуклеарните ограничувања во 2019 година.

Апелот на Гутереш до Вашингтон и Техеран доаѓа во време на разговори за заживување на договорот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.