По повод Денот на планетата Земја, генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) Антонио Гутереш го повика светот да се посвети на обновувањето на планетата и воспоставувањето мир со природата.

Во видео пораката Гутереш кажа дека „планетата се наоѓа на пресвртна точка, а човештвото продолжува да го злоупотребува природниот свет“.

Непромислено ги ограбуваме ресурсите на Земјата, го осиромашуваме нејзиниот жив свет и ги третираме воздухот, земјата и морето како депонии. Клучните екосистеми и синџири на исхрана се турнати на работ на амбис. Ние мора да ставиме крај на нашата војна против природата – рече генералниот секретар на ОН.

Гутереш додаде дека завршувањето на оваа војна повикува на „храбра климатска акција“ за да се ограничи зголемувањето на глобалната температура на 1,5 степени Целзиусови.

Тој додаде дека се потребни и посилни чекори за заштита на биодиверзитетот и намалување на загадувањето и отпадот.

Денот на планетата Земја се слави на 22 април. Темата оваа година е „Ајде да ја изградиме нашата земја“ и се фокусира на природните процеси, новите зелени технологии и иновативните размислувања кои можат да ги обноват светските екосистеми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.