Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, апелираше сите луѓе да бидат поврзани на интернет до 2030 година.

Пандемијата покажа дека интернетот може да го промени животот. Дигиталната технологија спаси животи овозможувајќи им на милиони луѓе да работат, учат и безбедно да комуницираат – истакна Гутереш во обраќањето пред учесниците на дигиталниот самит на ОН што се одржува во полскиот град Катовице.

Гутереш додаде дека пандемијата го проширила дигиталниот јаз, но и ја покажала темната страна на технологијата, поради брзото ширење на дезинформации.

Овие проблеми можеме да ги решиме само со зајакнување на соработката – изјави Гутереш.

Тој наведе дека зајакнувањето на соработката подразбира воспоставување јасни правила за заштита на човековите права и основни слободи, враќање на контролата врз податоците, сузбивање на дезинформации и поттикнување омраза, како и поврзување на сите луѓе на интернет до 2030 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.