Жителите на Сиднеј не може да го напуштат градот и да патуваат во другите делови од Австралија, откако сојузните држави и територии во државата почнаа да ги применуваат забраните за влез на жители на Сиднеј поради зголемувањето на случаите на корона вирус.

Авиокомпаниите ги откажаа летовите што го напуштаат аеродромот во Сиднеј од полноќ по локално време.

Во градот изминатата недела се евидентирани 83 случаи на заразени со корона вирус, сите поврзани со еден дел од Сиднеј.

2020 година сè уште не е завршена за нас. Настаните во изминатите неколку дена беа неверојатно фрустрирачки и разочарувачки за луѓето низ целата земја – изјави австралискиот премиер Скот Морисон.

Тој сепак, го поздрави падот на нови случаи.

Не сметајќи го наведениот број на случаи во Сиднеј, бројот на нови инфекции во државата Нов Јужен Велс опадна. Во последните 24 часа биле тестирани 38 илјади луѓе, а биле евидентирани 15 нови инфекции.

Многумина сметаат дека е охрабрувачки што бројот на случаи е ограничен на само дел од најголемиот град во Австралија, но сепак, властите предупредуваат дека еднодневните резултати не се доволни за да се утврди трендот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.