Во пресрет на новото ублажување на рестриктивните мерки поради пандемијата на коронавирус кое веќе стапи на сила денес, граѓаните на Прага во текот на вчерашниот ден поставија околу 500 метри долга маса на Карловиот мост.

Граѓаните на чешкиот главен град беа повикани да си донесат храна и пиење и со дружење, песна и танцување да ѝ кажат збогум на епидемијата на коронавирусот во нивната земја.

Ова е еден вид на прослава со која сакаме да покажеме дека не се плашиме и нема да останеме заклучени во своите домови. Мостот е добра метафора затоа што тука можат да се соберат различни луѓе“, изјави организаторот на настанот, Ондреј Кобза.

Карловиот мост привлекува илјадници туристи и станува збор за една од најпосетените атракции во Прага, но со оглед на тоа што во чешкиот главен град сега нема туристи, конечно жителите на чешката метропола можеа да уживаат во неговата убавина.


Чешка има 10,7 милиони жители и оваа земја беше меѓу првите европски земји кои уште во март оваа година воведоа остри рестриктивни мерки. Поради тоа, Чешка се покажа како многу успешна земја во борбата со епидемијата. Во земјата има нешто помалку од 12 илјади заразени, а 349 лица починаа како последица на коронавирусот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.