Во Турција граѓаните се сè полути поради, како што велат, бавната и неадекватна реакција на владата на разорниот земјотрес, во кој досега загинаа повеќе од 8.000 луѓе. Спасувачите ги пребаруваа урнатините во текот на ноќта, а беа попречени од студот, уништените патишта и лошата инфраструктура.

На снимките од воздух се гледа како тие ги пребаруваат урнатините на куќите во селото Салќин во провинцијата Идлиб, барајќи жртви и преживеани. Турскиот претседател Таип Ердоган прогласи вонредна состојба во 10 провинции. Но, некои жители на градовите погодени од земјотресот изразија гнев и очај поради бавниот одговор на властите на најсмртоносниот земјотрес што ја погоди Турција во последните децении.

Овде нема ниту еден човек, никој не помага. Снег врне, бездомници сме, без ништо. Што да правам, каде да одам – изјави за „Ројтерс“ Мурат Алинак, чиј дом се урна во Малатја.

Жителите на градот Газиантеп наведуваат дека 12 часа по земјотресот не пристигнала ниту една спасувачка екипа и дека морале сами да ги пребаруваат урнатините. Кога спасувачите конечно дошле во понеделникот вечерта, работеле само неколку часа, а потоа паднала ноќта, пишува „Гардијан“.

Многу Турци го изразија својот гнев на интернет поради, како што рекоа, невнимателниот одговор на итната состојба во најјужната провинција Хатај, при што многумина се жалат дека спасувачите не успеале да стигнат до областа. Во Хатај, земјотресот срамни со земја неколку владини згради, вклучително и локалниот огранок на турската агенција за помош при катастрофи, АФАД.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.