Градоначалникот на Лондон Садик Кан денеска ја повика Владата да усвои мерка со која ќе биде задолжително носењето маски во јавниот превоз, бидејќи во Велика Британија во просек има повеќе од 40.000 потврдени случаи на коронавирус дневно.

Владата на премиерот Борис Џонсон досега се спротивставуваше на воведувањето на таканаречените мерки од планот Б, што би довело до повторно воведување задолжително носење маски за лице во затворени простории, заедно со упатства за работа од дома и користење Ковид пропусници.

Британските медиуми јавуваат дека Кан ги повикал жителите на Лондон да се вакцинираат против коронавирус и грип, со цел да се заштити здравствениот систем во текот на претстојната зима.

Тој во соопштение наведува дека смртоносниот коронавирус не исчезнал и дека се очекува Британија оваа зима да се соочи и со грип и со Ковид.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.