Како што се засилува топлотниот бран во Европа, Британија во четвртокот ја забележа својата највисока температура од 40 степени Целзиусови досега, виткајќи ги дури и железничките пруги, а предизвика и серија пожари низ Лондон.

Метеоролошката служба соопшти дека на аеродромот Хитроу во раните попладневни часови била забележана температура од 40 степени Целзиусови кои допрва треба да бидат потврдени, надминувајќи го претходниот рекорд од 38,7 степени Целзиусови поставен во 2019 година.

„Истражувањето во институтот покажа дека температурата од 40 степени е речиси невозможна во Британија, но климатските промени предизвикани од стакленички гасови го овозможија тоа“, вели Стивен Белчер од институтот.

И додека живата расте во термометрите, железничките врски од Лондон до источниот и западниот брег се прекинати, делови од земјата се без струја, а вообичаените центри на градовите се празни.

British Rail објави голем број фотографии на Твитер на кои се гледаат свиткани шини.

Голем пожар во источен Лондон уништил куќи во селото Венингтон, откако пожарот ги зафатил блиските исушени полиња. На други места во градот горат големи тревни површини, а густ чад има на коловозите.

Лондонската противпожарна бригада прогласи вонредна состојба и апелира до луѓето да не палат скари на отворено.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.