Канадскиот брег стана депонија за фекалии и други штетни отпадни води што ги исфрлаат туристичките бродови што носат патници до Алјаска.

Крузерите се еден од најудобните начини за гледање и посета на националните паркови и глечерите на Алјаска, што го прави исклучително популарен тип на одмор за туристите од САД, но и од другите делови на светот. Сепак, патувањето до овие недопрени места вклучува и два или три дена пловење по западниот брег на Канада, каде што бродовите оставаат отпадни води и отпад, често во заштитени подрачја.

Во новиот извештај на еколошките организации „Stand.earth“ и „West Coast Environmental Law“ (WCEL) се наведува дека бродовите за крстарење на западниот брег на Канада испуштаат повеќе од 31 милијарда литри отпадни води годишно, пишува британскиот весник „Гардијан“.

Тие имаат перверзна тенденција да ја третираат Канада како тоалетна школка – вели Ана Барфорд од „Stand.earth“, опишувајќи го морето кај западниот брег на Канада како „автопат за ѓубре“.

По должината на канадското крајбрежје, кое е најдолго во светот со 243.042 километри, бродовите исфрлаат 147 милијарди литри штетен отпад годишно, што е количина што би наполнила 59.000 олимписки базени. Крузерите се покажуваат како најголеми загадувачи, иако претставуваат само два отсто од поморскиот сообраќај.

Овие бродови за крстарење испуштаат големи количини отпадна вода од тоалетите, тушевите, машините за перење и машините за миење садови во морето, а најголемиот извор на загадување, според Светскиот фонд за природата (WWF), е опремата што ги отстранува гасовите како сулфурот и азотните оксиди од издувните гасови. Тие произведуваат кисела отпадна вода која содржи вистински коктел од хемикалии. Само еден патнички брод на еднонеделно патување до Алјаска и назад испушта речиси 200 милиони литри од оваа загадена вода во морето.

Но, не се виновни (само) бродовите, туку и канадското законодавство за заштита на животната средина, кое е полабаво од американското, наведува „Гардијан“. Како резултат на тоа, бродовите ја задржуваат отпадната вода додека се во територијалните води на САД, а потоа ја испуштаат во канадските води.

Кога туризмот и крстарењата привремено запреа поради пандемијата на Ковид-19, морето можеше да „дише“, но сега кога бродовите за крстарење се враќаат, локалните жители стравуваат од враќање на отровната канализација.

Луѓето одат на Алјаска за да се восхитуваат на недопрената природа, но без да сфатат дека ја уништуваат нашата недопрена природа – предупредуваат тие.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.