По неколкумесечните протести во кои загинаа повеќе од 300 луѓе, Иран одлучи да попушти и да ја укине моралната полиција.

Моралната полиција нема никаква врска со судството и затоа е укината, изјави Џафар Монтазери, главен обвинител на Иран, пренесе АФП.

Покрај тоа, Иран најави дека ќе го преиспита деценискиот закон со кој се бара од жените да ги покриваат главите, бидејќи се бори да ги задуши повеќе од двомесечните протести поради строгиот кодекс на облекување. Протести го зафатија Иран по смртта во притвор на 16 септември на Махса Амини, 22-годишна Иранка со курдско потекло, која беше уапсена од полицијата за морал поради наводно кршење на шеријатскиот закон.

Од смртта на Амини, сè поголем број жени не носат хиџаб, особено во модерниот северен дел на Техеран.

И парламентот и судството работат (на прашањето)“ дали законот треба да биде изменет, изјави иранскиот државен обвинител Мохамад Џафар Монтазери.

Според новинската агенција ИСНА, тој не прецизирал што може да се смени во законот со одлуката на тие две тела, кои се во мнозински раце на конзервативците. Рецензентскиот тим се состана со парламентарната комисија за култура во средата „и резултатите се очекуваат за една или две недели“, рече јавниот обвинител.

Претседателот Ебрахим Раиси вчера изјави дека темелите на иранската република и исламот се запишани во уставот. „Но, постојат методи за спроведување на уставот кои можат да бидат флексибилни“, рече тој во телевизиско обраќање.

Хиџабот стана задолжителен за сите жени во Иран во април 1983 година, четири години по Исламската револуција која ја собори монархијата поддржана од САД. Откако хиџабот стана задолжителен со закон, со промената на стандардите за облекување, стана вообичаено да се гледаат жени во тесни фармерки и широки, шарени шамии. Но, во јули оваа година, Раиси, ултраконзервативец, повика на мобилизација на „сите државни институции за спроведување на законот за носење шамии“.

Сепак, многу жени продолжија да ги кршат правилата што им беа наметнати. Во септември, главната реформистичка партија во Иран повика на укинување на законот за задолжителен хиџаб.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.