Милиони Американци ги загубија своите работни места на почетокот на пандемијата на коронавирусот и поради ширењето на делта-сојот, тие не брзаат да се вратат на работа.

Во Шарлот, Северна Каролина, како и во многу делови на САД, сопствениците на барови не можат да најдат доволно работници.

Огласи за работа се наоѓаат насекаде низ градот.

Нашиот ресторан е секогаш полн и заработуваме добро, но немаме доволно работници, изјави менаџер на пицерија за американските гласила.

Економистот Метју Мецгар вели дека федералната парична помош е повисока од платата што некои работници ја заработиле пред пандемијата.

И со тој висок надомест, луѓето не се подготвени да се вратат на работа и да заработат, рече Мецгар.

Други велат дека не сакаат да се вратат на работа поради блискиот контакт што би го имале со луѓето, во време кога повеќе од 1.500 луѓе умираат од коронавирус во САД секој ден.

Друга голема пречка за враќање на работа е тоа што многумина не можат да си дозволат да ги имаат своите бебиситерки, и тоа ескалираше кога училиштата беа затворени поради коронавирусот.

Ова може делумно да се реши кога ќе се отворат училиштата, но тоа не е случај со градинките, кои немаат доволно кадар, велат жителите.

За да ги поттикне луѓето да се вратат на работа, администрацијата на Џо Бајден објавува субвенции за грижа за децата предвидени со законот за инфраструктура и социјална помош, во вредност од 3.500 милијарди долари.

На неодамнешниот саем за работа во Вирџинија, многумина се распрашуваа за повисоки плати, но и за здравствено и пензиско осигурување.

Претседателот на синдикатот на аеродромот Шарлот Вилијам Волц вели дека на работниците им е потребно да се зголемат платите на најмалку 17 долари на час, од сегашниот минимум од 7,25 долари.

Како што е наведено, многу работодавачи ја зголемија цената на саатнината, додека економистите велат дека, покрај зголемувањето на платите, креативноста на работодавачите ќе биде пресудна и дека ќе мора да модифицираат некои работни места за да најдат доволно работна сила.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.