Поранешниот крал на Шпанија Хуан Карлос Први го известил неговиот син, кралот Фелипе Шести, дека ќе ја напушти таа држава и ќе живее во друга земја, откако во изминатите недели се појавија обвиненија за корупција.

„Поттикнат од желбата да се направи она што е најдобро да им служи на народот на Шпанија, нејзините институции и вас, како крал, ве известувам за мојата одлука да ја напуштам Шпанија во овој момент “, се вели во писмото на Хуан Карлос до неговиот син.

Кралот Фелипе Шести му се заблагодари на татко му за таа одлука и го посочи „историското значење“ што владеењето на Хуан Карлос го претставува за демократија во Шпанија по фашистичката диктатура на Франциско Франко.

Поранешниот шпански крал не наведе во која држава ќе се пресели.

Шпанскиот Врховен суд отвори истрага во јуни за вмешаност на Хуан Кралос во постигнување договор за брза железничка пруга во Саудиска Арабија, откако швајцарскиот весник објави дека поранешниот шпански крал добил 100 милиони долари од починатиот саудиски крал Абдула.

Тогаш, Карлос, наводно, префрлил голем дел од тие пари на поранешен пријател, а иследниците сметаат дека е можно да се работи за обид да се скријат парите од надлежните органи.

Хуан Карлос (82) е заслужен за помош на Шпанија мирно да ја врати демократијата во земјата, по смртта на диктаторот Франциско Франко во 1975 година.

Сепак, опкружен со скандали во последните години од неговото владеење, Хуан Карлос абдицираше во корист на својот син во 2014 година, со што го загуби имунитетот што му го гарантираше Уставот на државата. ]

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.