Германското Министерство за здравство изрази сомнеж во „квалитетот, ефикасноста и безбедноста“ на официјално регистрираната руска вакцина против Ковид-19.

Нема познати податоци за квалитетотот, ефикасноста и безбедноста на руската вакцина. Безбедноста на пациентите е еден од приоритетите во Европската Унија – изјави неименуван портпарол на германското министерство.

Рускиот претседател, Владимир Путин, објави дека првата вакцина во светот против Ковид-19 е веќе регистрирана, но Русија сè уште не објавила детали за резултатите од тестирањето на вакцината за да ја потврди нејзината ефикасност.

Светската здравствена организација (СЗО) реагираше претпазливо на вестите од Русија дека е произведена вакцина против корона вирусот, потсетувајќи дека се неопходни строги процедури за одобрување на каква било вакцина.

Ние сме во близок контакт со Русите и разговорите продолжуваат. Предквалификацијата на секоја вакцина мора да помине низ строги процедури – изјави портпаролот на СЗО, Тарик Јашаревиќ.

Тој појасни дека претквалификацијата вклучува преглед и проценка на сите потребни податоци за безбедноста и ефикасноста на вакцината, собрани во клиничките испитувања. Таа постапка е иста за „секој кандидат за вакцина“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.