Германија до средината на февруари би можела да брои по стотици илјади нови инфекции на коронавирус дневно, предупреди денеска германскиот министер за здравство,Карл Лаутербах, јави ДПА.

Министерот изјави дека прогнозата е темелена на реалистични сценарија искажани за време на синоќешната панел дискусија на јавната телевизија ЗДФ.

Би можеле да претпоставиме дека бранот ќе го има пикот кон средината на февруари и дека ние тогаш мораме да очекуваме неколку стотици илјади случаи дневно – тврди Лаутербах.

Според министерот, има земји чии болници може да се справат со тие бројки на заболени, но во Германија ситуацијата е поинаква.

Бидејќи имаме голем број на невакцинирани постари лица во Германија, исходот би можел да биде сосема поинаков од тој во Италија, Франција или во Англија, на пример – посочи Лаутербах.

Во Англија на пример, бројот на невакцинирани луѓе во групата над 50 години беше еден-два отсто.

Тоа се вредности до кои не можеме да се приближиме – рече социјалдемократот и обучен епидемиолог.

Во однос на релативно ниската стапка на хоспитализација во пандемијата во Германија периодов, Лаутербах изјави дека тоа е „неважно“, бидејќи бранот што во моментов се одвива во Англија и во Франција, допрва треба да ја погоди Германија.

Очекувам вистинскиот товар на единиците за интензивна нега да дојде кон средината, крајот на февруари. Тоа ќе биде стрес тест, а не она што го гледаме сега – рече Лаутербах.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.