Германската министерка за одбрана Кристин Ламбрехт поднесе оставка по критиките за одговорот на Германија на руско-украинската војна.

Како што јавуваат агенциите, министерката во изјавата побарала од канцеларот Олаф Шолц (СПД) да ја разреши од оваа функција. Овој потег доаѓа по многу критикуваната новогодишна порака што таа ја објави на социјалните мрежи.

Во изјавата таа вели дека поради конфликтот во Украина имала „многу посебни искуства“ и дека војната ѝ дала можност за „многу средби со големи и интересни луѓе“. Германскиот дневен весник „Тагесшпигел“ напиша жесток коментар со наслов „Ламбрехт повеќе не може да биде министер“, наведувајќи дека за време на својот говор политичарката ја прикажала војната како „возбудливо професионално искуство“.

Германскиот „Билд“ за нејзиниот говор напиша дека нејзината порака ја посрамоти Германија. „Тагесшпигел“ изјави дека ова обраќање, ако се погледне контекстот на војната во Украина, е „непримерно и срамно“.

Ламбрехт го објасни своето заминување на следниов начин: „Месеците во кои медиумите се фокусираат на мојата личност едвај дозволуваат фактичко известување и дискусија за војниците и безбедносните политички одлуки во интерес на граѓаните на Германија“.

Во соопштението за печатот потпишано од Ламбрехт се наведува и дека прв приоритет мора да биде напорната работа на воениот персонал и војниците, како и бројните мотивирани луѓе на деловното поле.

Затоа решив да ја ставам на располагање мојата позиција, заклучува германската министерка за одбрана.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.