Доколку се остварат германските стравувања, енергетските експерти предвидуваат рецесија на германската економија и рестрикции на гас во претстојната зима.

Деновиве Германија не добива руски гас преку гасоводот во Балтичкото море, наречен „Северен поток 1“. Причината е техничка. Секоја година во ова време се вршат редовни работи за одржување и евентуални поправки. Но, германскиот министер за економија, Роберт Хабек, ги повика земјите-членки на ЕУ да бидат подготвени дека гасот, можеби, нема повторно да потече, објави „Би-би-си“.

Тој ја обвини Москва дека го користи гасот како „оружје“ во одговор на санкциите на ЕУ кон Русија.

Во изминатите месеци, Русија испорачуваше помалку гас од предвиденото. До почетокот на периодот за сервисирање, „Северен тек 1“ работеше со капацитет од 40%. За ситуацијата, Москва го обвини Западот, односно дека Канада запленила турбини од производителот „Сименс“ потребни за нормално функционирање на гасоводот, кои била пратена на сервис. Канадската влада неодамна се согласи да ги „ослободи“ турбините, чекор што ја налути украинската влада.

Официјален Киев ја обвини Канада дека ги „прилагодува“ санкциите кон Москва. Во своја одбрана, официјална Отава одговори дека дозволата е привремена и временски ограничена.

Освен Германија, привременото затворање на гасоводот влијае и на Италија. Групацијата „Ени“ веќе соопшти дека земјата ќе добие една третина помалку гас од „Газпром“, споредено со испорачаните количини во текот на минатата недела.

Русија веќе го „затвори вентилот“ за Полска, Бугарија, Холандија, Данска и Финска, поради одбивањето на овие земји да го плаќаат гасот по нова шема, како што побара Москва. Од „Северен поток 1“, гас тече и до Чешка и до Австрија, но овие две држави добиваат руски енергенс и од други гасоводи кои минуваат низ Украина.

Ако сите извори на руски гас за Германија наеднаш секнат, Германија би влегла во голема рецесија бидејќи цели индустрии се потпираат на гасот а најголем дел од домаќинствата го употребуваат за загревање.

Водечкиот експерт за енергетски пазари, Хенинг Глојштајн, предупредува.

Ако воопшто не потече гас повторно низ „Северен поток 1“, да речеме до почетокот на август, мислиме дека германската влада ќе мора да го подигне алармот за недостаток на гас на трето, максимално ниво. Тоа би значело суспензија на целиот пазар на гас, на трговијата на големо, а државата и регулаторот би влегле како дистрибутери на природниот гас. Тоа, во суштина, ќе значи рестрикции во претстојната зима. Ако и се случи нешто лошо на Германија, за жал, ќе се прелее на цела Европа поради нејзината географска поставеност во средината на ЕУ – изјави Глојштајн.

Според телевизијата ЗДФ, германските капацитети за складирање на гас се полни околу 64%. Земјата гради и два пловечки гасни терминали за прием на течен природен гас (ЛНГ), но тие ќе бидат готови кон крајот на годината. Германија го зголеми и увозот на гас од Холандија и од Норвешка.

Сепак, зависноста од рускиот гас е толкава што барем зимава тешко дека ќе може да се наодмести недостатокот доколку Москва целосно престане со испораката на гас. Медиумите и експертите предвидуваат дека прва на удар ќе биде хемиската индустрија. Тоа може да доведе до недосаток на ѓубрива, лекови, детергенти и козметика.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.