Освен баровите, рестораните и просториите за релаксација, во Германија од 16 декември, среда, до 10 јануари се затвораат сите продавници, освен оние за најосновните потреби, а се воведуваат и строги рестрикции за училиштата и градинките.

– Делумното „заклучување“ во Германија со кое се затворија баровите, рестораните и просторите за релаксација, додека истовремено беа отворени продавниците и училиштата, „не беше доволно“, изјави денеска германската канцеларката Ангела Меркел, откако сојузните држави се согласија од среда да бидат воведени поостри мерки.

Експоненцијалниот раст на случаите беше запрен накратко, им рече Меркел на новинарите во Берлин по разговорите со регионалните лидери, на кои тие се согласија да ги затворат сите продавници, освен суштинските, и да го ограничат присуството во училишта и градинки, јави ДПА.

Според Дојче веле, мерките меѓу другото предвидуваат дека средба може да имаат најмногу пет лица од две домаќинства. Исклучок ќе биде периодот од 24 и 26 декември, односно за време на Божикните празници, но не и за дочекот на Нова година.

Верски служби ќе бидат можни само со строги ограничувања, а забранета ќе биде консумација на алкохол во јавност. Владата бара од луѓето да се воздржат од патувања и да ги намалат контактите кои не се апсолутно неопходни. Владата најави и дополнителна економска помош.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.