Германскиот министер за надворешни работи Х ајко Мас предупреди дека до завршувањето на акцијата за евакуација од Кабул, до крајот на август, нема да може да бидат извлечени сите германски државјани и локалната германска работна сила од Авганистан.

За телевизијата „Билд“ изјави дека неговото министерство е во контакт со сто граѓани и нивните семејства и дека се обидуваат безбедно да ги донесат на аеродромот со цел да бидат распределени на летовите за евакуација.

Американците најавија дека ќе продолжат со акцијата за евакуација до 31 август. Во овој момент, Вашингтон размислува дали акцијата може да биде продолжена – изјави Мас.

Тој додаде дека е неопходно да се анализира колку долго може да се обезбеди безбедноста на силите на самото место, како и на луѓето што треба да бидат евакуирани.

Нема да има доволно време за да ги евакуираме сите, истакна Мас, наведувајќи дека Германија со САД и Велика Британија почнала да проверува како да ги спаси луѓето од Авганистан и по акцијата за воена евакуација.

Тоа што германската Влада мора да преговара со талибанците за евакуација на своите граѓани, тој го окарактеризира како најлоша работа, но исто така посочи дека нема алтернатива.

Единствената алтернатива би била да ја оставиме нашата локална работна сила сама на себе. А, на тоа не сме подготвени – истакна Мас.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.