Откако во петокот германската Влада определи неколку земји како високоризични поради Ковид-19, од денеска тоа ќе има конкретни последици, односно федералната полиција ќе ги зајакне граничните контроли, а во два германски града веќе се мобилизирани припадниците на безбедносните сили, пишува весникот „Велт“.

Од вечерва во Германија стапуваат во сила построги правила за влез на граѓани од над 20 земји со особено голем број на заразени случаи со коронавирус. Тие високоризични зони ги вклучуваат соседна Чешка, туристичките дестинации Португалија, Шпанија и Египет, како и САД. Секој патник кој пристигнува оттаму и сака да влезе на територијата на Германија, ќе мора да приложи негативен ПЦР тест на границата.

Федералното Министерство за внатрешни работи соопшти дека тестовите ќе се контролираат на аеродромите и пристаништата. На границите со земјите од ЕУ, каде што нема гранична контрола, оние кои влегуваат во земјата ќе бидат проверувани по случаен избор и доколку постои сомнеж.

Полицијата на аеродромот во Франкфурт ја зајакна контролата врз летовите од државите со висок ризик. Внимателно ќе се проверуваат апликациите за влез во земјата и доказите за актуелниот негативен тест на коронавирус. Дополнителните мерки се воведени со цел да спречат ширење на коронавирусот и „да ги идентификуваат луѓето кои треба итно да се стават во карантин“. Со оглед на ситуацијата, федералната полиција препорачува граѓаните да се воздржат од патување или да патуваат само доколку е неизбежно.

Во Франкфурт, контролите ќе се вршат директно во авионот. Ова се очекува да влијае денеска на 17 летови од пет земји. Затоа сите мерки се спроведуваат во тесна соработка со здравствените власти, државната полиција во Хесен, операторот на аеродромот и засегнатите авиокомпании.

Германија разгледува три категории на ризични региони.

„Нормални“ се земји или региони со 50 новозаразени случаи на 100.000 жители во текот на една недела. Во оваа категорија моментно спаѓаат речиси сите европски земји, со исклучок на одделни региони во Грција, Финска, Норвешка, Австрија и Данска.

Категоријата на земји и области со значително поголем број на инфекции, отколку во Германија (200 на 100.000 луѓе), од денеска ги опфаќа Албанија, Андора, Боливија, Босна и Херцеговина, Естонија, Иран, Израел и палестинските територии, Колумбија, Косово, Летонија, Либан, Литванија, Мексико, Црна Гора,Македонија, Панама, Португалија, Србија, Србија и ОАЕ.

Британија, Ирска, Јужна Африка и Бразил се определени како земји со висок ризик.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.