Германија ја обвини Русија за обид за провокација со распоредувањето на војници долж границата со Украина.

Мојот впечаток е дека руската страна се обидува со сите средства да предизвика реакција. Заедно со Украина, нема да бидеме вовлечени во оваа игра – изјави германската министерка за одбрана, Анегрет Крамп-Каренбауер, за националната телевизија.

Зголеменото присуство на руски трупи на границата со Украина предизвика загриженост на Западот во изминатите денови. САД соопштија дека бројноста на војската е на највисоко ниво од 2014 година, кога првпат почна војната со проруските сепаратисти во Донбас.

Москва соопшти дека испратила војска на своите западни граници за борбени вежби поради „заканите“ од НАТО.

Сепак, Крамп-Каренбауер изрази сомнеж во тврдењето на Москва.

Ако станува збор за маневар како што тврди руската страна, постојат меѓународни процедури преку кои може да се создаде транспарентност и доверба – нагласи Крамп-Каренбауер, додавајќи дека Германија многу внимателно ги следи случувањата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.