Новиот закон во Германија, кој ќе стапи на сила од 1 март, ги олеснува процедурите за вработување работници кои живеат во земји кои не се во Европската Унија и овозможува престој во Германија до шест месеци, само за барање работа.

Ова значи дека државјаните на земјите кои не се во ЕУ се изедначуваат со резидентите на Унијата во однос на правата за вработување во германските компании.

Со новиот закон се поедноставени процедурите за признавање на дипломите на доселениците од трети земји, со што ќе се скрати времето на чекање за издавање официјална потврда и нострификација на дипломите.

Воведена е и можност дури и оние кои немаат сигурна работа во Германија да може да престојуваат во таа земја со посебна виза и до шет месеци барајќи работа. За да добијат такво одобрение, ќе мора да исполнат одредени услови, како што е доказ дека имаат доволно средства да се издржуваат затоа што нема да имаат право на социјална помош.

Досега граѓаните од регионот можеа да останат во Германија најдолго три месеци.

На врвот на листата најбарани професии во Германија се програмери, инженери, електричари, негуватели и здравствени работници. Во Германија моментно недостасуваат околу 1,7 милиони индустриски работници, мајстори и медицински персонал.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.