Германскиот министер за здравство Јенс Шпан се залага за втор мандат на шефот на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејсус и ги повика другите земји да го поддржат овој поранешен министер за здравство на Етиопија пред да му заврши мандатот оваа недела.

Ги повикувам земјите-партнери да ни се придружат да го поддржиме назначувањето на извршниот директор Тедрос – изјави Шпан за британските медиуми.

Поддршката е значајна бидејќи Германија е главниот финансиски поддржувач на СЗО.

Минатата недела, извори на британските медиуми соопштија дека Тедрос најверојатно нема конкуренција за втор мандат на чело на СЗО, додека се обидува да го води светот низ најголемата здравствена криза на векот.

Тедрос ја водеше агенцијата за време на неколку епидемии на ебола, а преживеа и остри критики од администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп за Ковид-19 за тоа дека наводно е „наклонет кон Кина“.

Овие критики вчера повторно се појавија во уводникот на „Волстрит Журнал“ (WSJ), спротивставувајќи им се на вториот мандат на Тедрос.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.