Портпаролот на германската Влада, Штефен Зајберт, порача дека на меѓународно ниво треба да се разработи стратегијата за градење на односите со радикалното талибанско движење, ако тоа е воопшто можно.

Зајберт на брифинг за новинарите изјави дека за долгорочната стратегија за талибанците ќе се спроведаат консултации на меѓународно ниво. Според Зајберт, треба да се разговара за формата на идниот дијалог, дали воопшто е можен таков дијалог и под кои услови.

Тој потсети дека германските претставници преговарале со претставници на талибанците во Доха.

Мора да се разбере дека немаме илузии за талибанците – истакна германскиот владин портпарол.

Портпаролот на германското Министерство за надворешни работи од своја страна, пак, изјави дека преговарачките канали остануваат отворени.

Во меѓувреме, министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер изјави дека Берлин очекува бран бегалци од Авганистан.

Во интервју за „Аугсбургер цајтунг“, тој изјави дека преземањето на Авганистан од страна на талибанците ќе доведе до зголемување на оние кои сакаат да ја напуштат земјата, како и барателите на азил во Европа.

Тој објасни дека неговата изјава не била со цел да ги исплаши луѓето, туку едноставно да ја прикаже ситуацијата реално.

Според Зехофер, ова не се само бегалци од Авганистан, туку и од Пакистан, Иран, Турција и Либија.

Според министерот, по терористичките напади од 11 септември 2001 година, меѓународната воена мисија во Авганистан била оправдана.

Но, на крајот, по 20 години релативна стабилност, долгорочната мисија не успеа. И она што се случува во Авганистан во моментов е катастрофа – изјави Зехофер.

Тој потсети дека главната цел на меѓународната мисија била да ги подобри условите за живот и да обезбеди стабилност во Авганистан.

За жал, денес треба да кажеме дека тоа беше неуспех – изјави политичарот, кој беше критички настроен кон мисијата во Авганистан.

Според него, имало неколку позитивни промени во земјата, на пример во областа на образованието и почитувањето на правата на жените, но, за жал, овие успеси се неодржливи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.