Премиерот Петр Фијала му честиташе на Петр Павел за обезбедената победа на претседателските избори во Чешка.

По резултатите од пребројани гласови од 96,9 отсто од избирачките места, тој има 57,8 отсто од гласовите наспроти неговиот противкандидат Андреј Бабиш со 42,2 отсто поддршка, соопшти чешкиот статистички институт, пренесува Ројтерс.

Конечните резултати се очекуваат вечерва.

Пензионираниот шеф на чешката армија и изразито прозападен кандидат според сите прогнози се сметаше за победник на претседателските избори во Чешка.

Избирачките места во вториот круг од изборите за претседател на Чешка се затворени денес во 14 часот по локално време и во тек е броењето на гласовите, а излезноста надмина 60 отсто.

Првиот круг од претседателските избори во Чешка се одржа од 13 до 14 јануари, одѕивот беше 68,24 отсто. Поранешниот шеф на воениот комитет на НАТО, 61-годишниот Петр Павел освои 35,4 отсто и го зазеде првото место, а со него во вториот круг излезе и поранешниот премиер и милијардер, 68-годишниот Андреј Бабиш.

За победа на изборите доволно е еден од кандидатите во вториот круг да добие просто мнозинство гласови.

Прелиминарните резултати од гласањето ќе бидат објавени вечерва, а во недела наутро ЦИК ќе ги соопшти официјалните резултати.

Инаугурацијата на новиот претседател, наследникот на актуелниот шеф на државата, Милош Земан, кој на таа функција беше два мандата, ќе се одржи на 8 март.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.