Регионалниот воен командант на САД во Авганистан, генералот Кенет Френк Мекензи,  најави дека американската војска ќе продолжи да изведува воздушни напади за поддршка на авганистанските сили во борбата против Талибанците.

Американските и другите странски трупи се повлекуваат од Авганистан, а талибанците за кусо време, во последните неколку недели, ги повратија руралните области и околните провинциски метрополи. Американскиот претседател Џо Бајден во мај соопшти дека американската армија ќе се повлече од Авганистан до почетокот на септември, на 20-годишнината од военото присуство во оваа земја.

САД во текот на изминатите неколку дена ја засилија воздушната поддршка за авганистанските сили и подготвени сме тоа да го правиме и во наредните недели доколку Талибанците продолжат со нападите – изјави генералот.

Мекензи, кој е шеф на Централната команда на САД за регионот на Авганистан, се уште не прецизираше дали американските сили ќе продолжат со воздушните напади по 31 август, кога официјално завршува нивниот воен ангажман.

Авганистанската Влада ќе биде на испит, а Талибанците се обидуваат да нападнат молскавично – наведува американскиот генерал.

Тој, сепак, истакна дека политичкото решение за конфликтот останува на маса и дека победата на Талибанците е неизвесна.

Претставници на авганистанската влада и Талибанците се состанаа во Доха, Катар, но дипломатите велат дека е постигнат мал напредок од почетокот на разговорите во септември.

Авганистанската војска развива нова стратегија против Талибанците и ги концентрира силите околу градовите како Кабул, граничните премини и важните патишта. Американскиот министер за одбрана Лојд Остин изјави дека задача на авганистанските сили е да го забават напредокот на Талибанците пред тие да ја преземат територијата.

Генералот Мекензи предупреди дека Талибанците ќе се фокусираат на населените урбани области.

Тие ќе мора да ги освојат градовите доколку сакаат да ја повратат контролата. Но, не е сигурно дека ќе можат тоа да го сторат – изјави генералот Мекензи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.