Турција ангажира бунтовници кои дејствувале во сириската провинција Идлиб за да му помогнат на Азербејџан во борбата против Ерменија во областа Нагорно Карабах.

Британскиот весник „Гардијан“, повикувајќи се на извори од редовите на милитантите, објави дека регрутирањето платеници од Идлиб почнало пред еден месец

Tројца борци, од кои двајца браќа од Азаз, кажале дека им било речено да дојдат во кампот во Африн на 13 септември, а командантот потоа ги известил дека на „пазарот“ се појавиле тримесечни и шестмесечни договори кои вклучуваат заштита на „набљудувачки пунктови и објекти за гас и нафта“ во Азербејџан.

На борците им се нуди меѓу 764 и 1.092 евра месечно. Треба да се напомене дека, како што пренесува „Гардијан“, станува збор за значително поголема сума што Анкара им ја исплаќа на милитантите за борба против режимот на сирискиот претседател Башар Ал Асад, односно 42 до 60 евра месечно.

Лидерот ни рече дека нема да се бориме, туку дека ќе помагаме во обезбедување на некои области. Не можеме да живееме од платите, затоа ова е одлична можност да заработиме пари – навел Мухамед, еден од милитантите.

Братот на Мухамед, Махмуд, вели дека повеќе нема работни места во Сирија.

Работев како кројач во Алепо, но откако се преселивме во Аваз, многупати се обидував да си ја работам својата работа, но јас и моето семејство не можеме да заработиме доволно за живот – објаснува Махмуд.

„Гардијан“ вели дека борците ќе ја прифатат работата, но не можеле да кажат што точно значи нивниот ангажман, кога ќе се вратат, па дури ни името на турската компанија која официјално ги плаќа.

Друг милитант вели дека заедно со 150 лица бил повикан да дојде во Африн на 22 септември, но тој истакнал дека неговото заминување е одложено. Како што вели, на локален брокер му ветил 171 евро од првата плата која ќе ја прими.

Кога почнаа да ни нудат работни места луѓето се плашеа да заминат таму, но сега има илјадници од нас кои сме подготвени да одиме или во Либија или во Азербејџан – вели тој за британскиот весник.

„Ројтерс“ вчера исто така објави дека сириски милитанти биле ангажирани поради конфликтот меѓу Азербејџан и Ерменија во Нагорно Карабах, повикувајќи се на изјавите на двајца борци кои се бореле за џихадистите Арар ал-Шам. Тие тврдат дека им било ветено 1.284 евра месечно да се борат на страната на официјален Баку.

Не сакав да одам, но немам пари. Животот е многу тежок и сиромашен – изјавил еден од платениците за таа новинска агенција.

Тензиите во Нагорно Карабах се зголемија кога Ерменија собори два азербејџански хеликоптера и три беспилотни летала во неделата.

Ерменија првично ги обвини соседите за гранатирање на цивилни позиции, а конфликтите наскоро се разгореа и резултираа со смрт на цивили и војници од обете страни.

Односите меѓу двете поранешни советски републики се затегнати од 1991 година, во регионот во кој живее ерменско население.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.