Годишниот самит на Г-7 почнува денеска со фокус на борбата против новиот коронавирус и климатските промени.

На првиот ден од форумот во Карбис Беј, Велика Британија, лидерите на седумте најразвиени индустриски држави се очекува да разговараат за обнова по пандемијата со фокус на донирање вакцини против Ковид-19 и обезбедување финансиска поддршка за производство на вакцини.

Синоќа домаќинот на тридневната средба, британскиот премиер Борис Џонсон изрази очекување дека земјите од Г-7 ќе донираат вкупно милијарда дози на вакцини. Британија ќе им даде на сиромашните земји најмалку 100 милиони дози.

Неколку часа претходно, американскиот претседател Џо Бајден вети дека неговата држава ќе донира 500 милиони дози вакцина од американската компанија „Фајзер“.

Вечерва британската кралица Елизабета Втора и престолонаследникот Чарлс ќе организираат прием во чест на лидерите на Г-7.

Се очекува да се разговара и за заштита на животната средина и борбата против климатските промени.

Ова е прв самит на Г-7 во последните две години. Минатата година, форумот беше во видеоконференциски формат, поради пандемијата.

Тоа е исто така прв голем меѓународен самит за новиот американски претседател Џо Бајден, кој ја презеде должноста во јануари.

Специјални гости на форумот ќе бидат лидерите на Австралија, Индија, Јужна Африка и Јужна Кореја, кои беа поканети од домаќинот Велика Британија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.