Високиот комесар за пензии во француската Влада Жан-Пол Делевој поднесе оставка, откако медиумскиот притисок се зголеми по откривањето дека „заборавил“ да ги пријави повеќе платени и неплатени функции, од кои некои не беа компатибилни со неговото членство во Владата.

„Ле Монд“ за време на викендов откри дека Делевој имал 13 функции, од кои три со надоместок. Кумулација на платите за министрите и извршувањето на платени активности е забранета со член 23 од Уставот на Франција.

Во последниве денови, опозицијата и синдикатите беа многу критични кон Делевој.

Претседателка на Националниот Собир, Марин Ле Пен истакна дека Делевој е „целосно дисквалификуван“.

Кога е толку многу вклучен во осигурувањата … кога ќе допре многу пари во низа активности, мислам дека тој повеќе не е кредибилен, изјави Филип Мартинез, генерален секретар на синдикатот ЦЖТ , кој ги предводи протестите против пензиската реформа во Франција, реформа предложена од Делевој.

Според Елисејската палата оставката била на иницијатива на Делевој.

 Чувствуваше дека веќе не е во состојба да ја продолжи својата задача. Тој не сакаше да и  попречува na Владата во спроведувањето на реформите, за што работеше напорно две години, се истакнува во соопштението од Елисејската палата.

Назначувањето за нов шеф за реформите мора да го одобри Советот на министри, а последниот од годинава ќе се одржи за два дена, на 18 декември.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.