Француската влада планира да ги укине милијарда евра даночни олеснувања за бизнисот, за да помогне во финансирањето на ветеното намалување на даноците на доход со вкупна вредност од 5 милијарди евра. Ова го изјави министерот за финансии, Жералд Дарманин, цитиран од „Ројтерс“.

Пост-протестни мерки

Во април, по месеци протести на т. н. „Жолти елеци“, претседателот Емануел Макрон вети дека ќе ги намали даноците на доход за 5 милијарди евра, а коментарот на Дарманин е првото објаснување како точно владата планира да го исполни ветувањето.

При објавувањето на планот претседателот изјави дека разликата во буџетот, која овие олеснувања ќе ја создадат, ќе биде компензирана со затворање на даночните дупки за големите компании. Според Дарманин, останатите 4 милијарди евра ќе бидат собрани преку намалување на владините трошоци. Според него, мерката ќе влијае на 95% од даночните обврзници во земјата.

Ова е втора мерка што француската влада ја презеде за да ги смири демонстрантите. Во декември беше одобрен друг пакет мерки во вредност од 10 милијарди евра, насочени кон стимулирање на приходите на најнископлатените работници и на пензионерите. Декемвриските мерки вклучуваат фиксирање на пензии под 2.000 евра месечно кон инфлацијата, како и зголемување на минималната пензија до 1.000 евра месечно.

Протестите на „жолтите елеци“ започнаа во октомври 2018 година како реакција против укинувањето на данокот на богатството и зголемувањето на даноците на горивата. Тогаш мнозина го видоа како предавство од страна на претседателот новото оданочување, додека само неколку месеци пред тоа, владата го намали сериозно данокот на богатите.

Сето ова го зајакна имиџот на Макрон како „претседател на богатите“ во очите на демонстрантите. Од почетокот на протестите досега бројот на учесниците опадна драматично – според податоците на француската влада во демонстрациите од почетокот на овој месец се вклучиле 10 илјади лица на територијата на целата земја во споредба со 300 илјади во ноември.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.