Франција целосно ја забрани употребата на мобилните телефони во училиштата за учениците под 15 години. Законот за целосната забрана за употребата на мобилните телефони во училиштата е поддржан од Францускиот Претседател Емануел Макрон, и истиот се однесува за сите основни училишта. Новиот закон ја забранува употребата на сите типови мобилни телефони, но и на таблетите и паметните часовници. Сличен закон во Франција се применуваше уште од 2010-та година со тоа што во рамките на тој закон беше забранета употребата на мобилните телефони само за време на училишните часови.

Франција презеде ригорозни мерки и ја забранува целосно употребата на мобилните телефони во училиштата. Во законот се остава простор на самите училишта да одлучат дали ќе ја забранат употребата на мобилните телефони и за учениците над 15 годишна возраст. Сепак во овој закон постојат и одредени исклучоци, односно забраната не важи за учениците кои имаат нужна потреба од своите паметни уреди, како на пример учениците со посебни потреби и хронично болните ученици.

Во согласност со законот, секој ученик има обврска да го исклучи својот мобилен телефон пред почетокот на училишниот ден и истиот да го остави во специјално дизајнирани рафтови само за таа употреба.

Донесувањето на ваквиот закон е поттикнато пред се од прекумерната употреба на мобилните телефони од страна на учениците, создавањето на зависност од истите како и за да се зголеми на нивната фокусираност за време на часовите.

Министерот за образование на Франција ваквиот закон го нарече закон на 21-от век и посочи дека на овој начин ќе се зголеми дисциплината кај 12-те милиони ученици кои учат во француските училишта.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.